тука почнува ИГРА!

ИНИЦИЈАТИВА ЗА ОДГОВОРЕН ГЕЈМИНГ И ПОДИГНУВАЊЕ НА СВЕСТА


што е игра?

ИГРА | Иницијатива за одговорен гејминг и подигнување на свеста (Initiative for Responsible Gaming and Awareness - IGRA) е современа иницијатива посветена на промовирање здрав, балансиран и свесен однос кон видеоигрите и интерактивните дигитални содржини.Преку едукација, истражување и практични програми ИГРА се стреми кон подигање на свеста кај децата, младите, родителите и образовните институции за позитивните, но и ризичните аспекти на гејмингот, како што се прекумерна употреба, дигитална зависност, онлајн безбедност и влијанието врз секојдневниот живот.Веруваме дека игрите се моќна форма на култура, учење и креативност кога се користат на правилен и свесен начин.ИГРА гради мост помеѓу индустријата, образованието и семејствата, со цел да создаде побезбедна и поодговорна дигитална иднина за сите.



зошто е потребна игра?

Дигиталниот свет се развива со огромна брзина. Видеоигрите денес се доминантна форма на забава и социјализација за милиони млади луѓе ширум светот. Меѓутоа, границата помеѓу здравата рекреација и проблематичното однесување може лесно да се избрише.

  • Светската здравствена организација официјално го класифицираше „нарушувањето предизвикано од гејминг“ (Gaming Disorder) како ментална состојба во својата Меѓународна класификација на болести (ICD-11). [1]

  • Научните студии објавени на медицинската платформа PubMed потврдуваат дека глобалната преваленца на зависност од видеоигри изнесува околу 3.05% од вкупната гејминг популација. Ова претставува милиони засегнати млади луѓе ширум светот. [2]

  • Најновите податоци објавени од канцеларијата на СЗО за Европа алармираат дека дури 12% од адолесцентите се соочуваат со симптоми на проблематично гејмање. [3]

  • Голем дел од современите игри содржат онлајн комуникација, купувања во игра (in-game purchases) и системи за награди. Тоа се механики дизајнирани како психолошки поттикнувачи со цел да го задржат вниманието на играчите.[4]

  • Податоците од научната заедница достапни преку ScienceDirect јасно ја поврзуваат прекумерната изложеност на екрани со нарушување на квалитетот на сонот кај младите. [5]

  • Истовремено, видеоигрите имаат и многу позитивни аспекти. Тие го поттикнуваат развојот на креативноста, логиката, тимската работа, брзото донесување одлуки и дигиталните вештини. Во прирачникот на European Schoolnet (Games in Schools) е детално документирано како видеоигрите можат да бидат корисна алатка за учење и когнитивен развој. [6]



како помага игра?

Зад секој екран стои дете кое истражува, родител кој се грижи и наставник кој сака да го извлече најдоброто од својот ученик. Нашата мисија е да изградиме мост на разбирање и да понудиме практични и иновативни решенија кои лесно ќе може да се применат во училницата и домот.

  • Ќе ги доближиме до семејствата системите PEGI и IARC за класификација на игрите според возраст и содржина.

  • Ќе ги промовираме платформите за безбедно играње како што се PlaySafe ID, k-ID, FaceIT и многу други.

  • Ќе ги објасниме алатките за родителска контрола на конзоли, компјутери, онлајн платформи и мобилни уреди.

  • Ќе нудиме поддршка кога играњето почнува да ги нарушува секојдневните навики, сонот, училиштето и семејниот живот.

  • Ќе помогнеме да се разбере манипулативниот дизајн на некои видеоигри и начините на кои виртуелните купувања, дневните награди и бонуси можат да создадат зависност.

  • Ќе едуцираме за ризиците во онлајн гејмингот: дигитално насилство, токсично однесување, говор на омраза, како и опасностите од споделување лични податоци, лозинки и локација.

  • Ќе зборуваме за „дигиталната дипломатија“ во домот и училиштата која се одвива преку фер правила и урамнотежен пристап, со цел да се спречат дигиталниот замор и социјалното повлекување, а да се промовираат квалитетното време со семејството и пријателите, посветеноста на успехот на училиште, физичкото и менталното здравје.

  • Ќе ги промовираме позитивните страни на видеоигрите, затоа што тие се и алатка за учење, креативност и развој на логика, тимска работа, комуникација и емоционална отпорност.

  • Ќе објасниме како умерениот гејминг може да биде и здрав начин за релаксирање и за намалување на стресот.

  • Ќе се залагаме за употреба на едукативни игри, преку кои учењето станува интерактивно искуство.



Тимот на ИГРА

Иницијативата ИГРА започна како личен проект на Даниела Спасовска, еден од основачите на Македонската асоцијација за развивање на игри - МАГДА. Корпоративно е поддржана од компанијата Смарт Старт Медиа.Денес ИГРА претставува тим на професионалци со долгогодишно искуство во индустријата на игри, педагогијата, психологијата и физикалната медицина. Овие области се исклучително важни за работа со лица кои практикуваат долги часови посветени на гејминг и дигитални уреди. Силна поддршка во овој тим се и самите родители, како и млади лица кои лично го изоделе патот на дигитално созревање, преминувајќи од интензивно играње видеоигри во минатото, кон одговорно менаџирање на вниманието и личните приоритети денес.Благодарение на овој мултидисциплинарен пристап, тимот е подготвен да понуди конкретни насоки, стручна поддршка и практични решенија за сите предизвици што ги носи модерниот гејминг свет.



направете
информиран избор

Дигиталниот свет денес им овозможува на децата лесен пристап до видеоигрите преку компјутери, конзоли, мобилни телефони и онлајн продавници. Нивното гејминг искуство најчесто започнува со купување или преземање на некоја игра од интернет.Од клучно значење е родителите да знаат како да проценат дали одредена игра е соодветна за нивното дете.Игрите на нашиот пазар обично ги носат симболите на меѓународните системи PEGI и IARC, кои служат за детална содржинска категоризација и проверка на старосната граница. За целосна безбедност се препорачува активно користење на родителски поставки кои се дел од секоја конзола и повеќето онлајн продавници и платформи, како и дополнителни сервиси и алатки за онлајн комуникација. Информација и линкови за сите нив може да најдете во делот БЕЗБЕДНА ИГРА.



видеоигрите како индустрија

Индустријата за видеоигри веќе не е само забава за децата и младите, туку глобален културен и социјален феномен во кој луѓе од најразлични возрасти поминуваат голем дел од своето време. Гејмингот е омилена активност за 53% од населението во Европа на возраст од 6 до 64 години. На светско ниво, 70% од малолетните лица редовно играат игри, одвојувајќи во просек помеѓу 12 и 14 часа неделно.

Мобилните платформи се убедливо најголемиот двигател на овој масовен раст, опфаќајќи дури 83% од вкупниот пазар со речиси 2,985 милијарди активни корисници. Паметните телефони го направија гејмингот лесно достапен секому и секаде, што значително ја промени и демографската слика. Денес, повеќе од половина од глобалниот приход — односно околу 55% од вкупната заработка на индустријата — доаѓа токму од мобилниот сектор, каде сè поголем број возрасни играчи бараат брза секојдневна забава и релаксација. [1, 2, 3, 4]

Економската моќ на оваа индустрија и бројот на играчи секоја година поставуваат нови рекорди. Пазарот на видеоигри на глобално ниво во 2022 година генерираше приход од 173.8 милијарди долари, привлекувајќи вкупно 3.159 милијарди играчи. Во 2024 година, приходот се искачи на 182.5 милијарди долари, а бројот на активни корисници порасна на 3.427 милијарди. Во 2026 година, се предвидува дека вкупните приходи ќе се искачат на 196.1 милијарди долари, а бројот на играчи ќе достигне нови рекордни 3.711 милијарди корисници.



класификација на видеоигрите

Пан-европските информации за игри - PEGI (Pan European Game Information) е европски систем за класификација на видеоигрите со ознаки кои им помагаат на родителите да утврдат за која возраст е наменета играта и каква е нејзината содржина. Тие укажуваат дали во играта се прикажани сцени со насилство, вулгарен јазик, елементи на страв и хорор, сексуални активности, симулации на коцкање, дискриминација или супстанци како алкохол, тутун и наркотици. Оценувањето се заснова на содржината на играта, а не на степенот на сложеност.

PEGI системот се применува во 38 европски држави, вклучувајќи ја и Македонија, а досега има класифицирано над 40.000 видеоигри и брои повеќе од 2.600 компании како потписнички, вклучувајќи ги и сите големи издавачи.PEGI е коосновач и активен член на IARC (Меѓународната коалиција за старосно оценување), која ги обединува сите системи за старосно оценување на глобално ниво со цел заеднички да ги опфатат брзорастечките мобилни и дигитални пазари. [1]

Меѓународната коалиција за старосно оценување - IARC (International Age Rating Coalition) е глобален систем кој ги обединува регулаторните тела од целиот свет и се применува на сите познати онлајн продавници и платформи. При издавање на секоја дигитална игра, издавачот или студиото пополнува IARC прашалник, според кој компјутерски алгоритам автоматски генерира рејтинг, прилагоден за секој регион посебно. За европскиот пазар, PEGI прави дополнителни детални проверки кои им гарантираат на родителите дека содржината на играта е правилно оценета и означена.Доколку одредена земја или регион не спаѓаат под специфично локално регулаторно тело, тогаш на нив им се доделуваат стандардните IARC ознаки.

Кога патувате со вашето семејство во други земји, важно е да знаете дека дигиталните продавници автоматски ги менуваат своите подесувања и прикажуваат рејтинзи специфични за тој регион (на пример, USK во Германија или ESRB во Северна Америка). [2]



родителски поставки

Индустријата за видеоигри е посветена на поддршка на родителите, обезбедувајќи им ја потребната самодоверба и алатки за ефикасно управување со времето и содржините кои нивните деца ги консумираат при играњето.Денес, секој современ уред, конзола и оперативен систем има вградено напредни родителски контроли кои овозможуваат ограничување на времето поминато пред екран, контрола на трошењето реални пари и филтрирање на несоодветна содржина.За детални упатства, директна помош и активирање на овие заштитни механизми, посетете ги официјалните страници на платформите во продолжение:



платформи за безбедно играње

Постојат дигитални алатки, платформи и сервиси кои им помагаат на родителите, семејствата и самите гејмери да создадат побезбедна, поздрава и поурамнотежена дигитална средина. Овие решенија нудат различни функции, како родителска контрола и управување со времето поминато во игри, верификација на возраст, заштита од токсично однесување, online harassment, несоодветна комуникација и други ризици во дигиталниот простор.Преку подобра информираност, соработка помеѓу родителите, децата и индустријата, како и користење на современи алатки за дигитална безбедност, гејмингот може да остане позитивно, безбедно и квалитетно искуство за целото семејство.



играјте заедно

Заедничкото играње видеоигри со вашите деца е една од најважните активности во нивниот дигитален развој. Гејмерите имаат природна потреба да го споделат својот напредок, успеси и виртуелни достигнувања, барајќи поддршка и прифаќање од страна на своето семејство.Иако меѓународните рејтинзи нудат одлична насока, сепак, личната процена на родителот останува клучниот филтер. Преку активно учество во играта, вие самите најдобро ќе прецените дали содржината и динамиката на играта навистина соодветствуваат со зрелоста на вашето дете.Заедничкиот гејминг нуди одлична зона за релаксација која научно докажано го намалува стресот, поттикнува емпатија и гради силна меѓусебна доверба преку решавање на виртуелни препреки во ист тим. Модерните игри се комплексна интерактивна уметност која е подеднакво забавна за сите генерации.Влегувањето во овој дигитален свет е најдобриот начин да ги разберете интересите на вашето дете, уривајќи ги предрасудите преку отворена комуникација на неутрален терен. Истовремено, стратешките предизвици го подобруваат логичкото размислување и координацијата кај децата, додека кај возрасните помагаат во одржување на когнитивната виталност. [1] [2] [3] [4]



што претставува
pegi системот?

Пан-европските информации за игри - PEGI (Pan European Game Information) е официјален европски ко-регулаторен систем за класификација и оценување на содржината на видеоигрите. Основан во април 2003 година на барање на институциите на Европската Унија, овој систем замени низа претходни национални системи со цел да се воспостави единствен, хармонизиран стандард за заштита на малолетниците ширум Европа.PEGI системот е креиран, поддржан и администриран во склоп на Video Games Europe (VGE), индустриска организација која го претставува европскиот сектор за видеоигри.Системот користи стандардизирани ознаки што им помагаат на родителите и купувачите да направат информиран избор дали одредена игра е соодветна за возраста на децата и младите и каква е нејзината содржина. Тие укажуваат дали во играта се прикажани сцени со насилство, вулгарен речник, елементи на страв и хорор, сексуални активности, симулации на коцкање, дискриминација или супстанции како алкохол, тутун и наркотици. PEGI рејтингот ја проценува старосната соодветност на содржината за играчот, а не неговата вештина или степенот на тежина и сложеност на играта.

Постојат 2 групи на ознаки: за возраст и за содржина. Зад овие ознаки стои комплексен правен механизам, Кодекс на однесување (PEGI Code of Conduct), кој секој издавач мора договорно да го потпише и строго да го почитува. Овој кодекс ги обврзува компаниите на максимално точно пријавување на содржината, наметнува правила за одговорно рекламирање и гарантира онлајн безбедност преку заштита на приватноста и пријавување на недоличен говор. Дополнително, кодексот наложува целосна транспарентност за купувањата во игра со вистински пари, со цел заштита на малолетниците од симулирано коцкање.PEGI системот денес се применува во 38 европски држави, вклучувајќи ја и Македонија, а досега има класифицирано над 40.000 видеоигри и брои повеќе од 2.600 компании како потписнички, вклучувајќи ги и сите големи светски издавачи. [1] [2] [3]



ознаки за возраст?

Ознаките за возраст во PEGI системот го дефинираат минималниот праг на зрелост потребен за безбедно играње на одредена видеоигра.Овие икони се поделени во пет категории (PEGI 3, 7, 12, 16 и 18), истакнати на пакувањата и во дигиталните продавници. Покрај нив, постои и специфична ознака со извичник која служи како посебно предупредување за родителски надзор.

Важно е да се напомене дека овие ознаки не ја покажуваат техничката тежина или сложеноста на самата видеоигра.Нивната единствена улога е да им помогнат на родителите брзо да проценат дали содржината е етички и психолошки соодветна за развојната фаза на детето. Така, системот обезбедува едноставно и безбедно навигирање низ модерната гејминг индустрија. [1]

pegi 3

Игри за сите возрасти

  • Без застрашувачки сцени или звуци

  • Без вулгарни изрази или навредлив говор

  • Благо насилство прикажано на комичен начин

pegi 7

Игри за возраст над 7 години

  • Благи застрашувачки сцени

  • Без вулгарни изрази или навредлив говор

  • Благо и нереалистично насилство

pegi 12

Игри за возраст над 12 години

  • Нереалистично насилство врз луѓе или реалистично насилство врз фиктивни ликови

  • Лесни сексуални теми или сексуални алузии

  • Лесен навредлив говор и вулгарни изрази

pegi 16

Игри за возраст над 16 години

  • Реалистично насилство

  • Сексуална содржина без приказ на гениталии

  • Погруб навредлив говор

  • Употреба на алкохол, тутун или наркотици

pegi 18

Игри за возраст над 18 години

  • Брутално насилство и убиства без мотив

  • Експлицитна сексуална содржина

  • Глорификација на употребата на наркотици

  • Симулација на коцкање и игри на среќа

pegi !

Препорака за родителски надзор

Се користи за апликации што не се класични игри:

  • Содржина создадена од корисници

  • Социјални и видео платформи

  • Апликации со отворена содржина




ознаки за содржина?

Ознаките за содржина, познати како дескриптори, нудат детален и транспарентен приказ на причините поради кои една видеоигра добила одредена старосна граница. Станува збор за серија од графички пиктограми што се поставуваат на задната страна од пакувањето на играта или во нејзиниот онлајн опис. Тие функционираат како прецизен патоказ кој однапред го информира купувачот за специфичните елементи кои се присутни во самата игра.

Овие дескриптори покриваат клучни аспекти од содржината на играта, како што се визуелните прикази, јазикот, темите и дигиталните трансакции.Во продолжение е објаснета секоја од овие ознаки, за точно да се разбере какви сцени, социјални однесувања или напредни функционалности вклучува самата игра, со цел да се донесе правилна и целосно информирана одлука пред купување. [1]

НАСИЛСТВО

  • PEGI 7: Благо и нереалистично насилство

  • PEGI 12: Нереалистично насилство врз луѓе или реалистично врз фиктивни ликови

  • PEGI 16: Реалистично насилство

  • PEGI 18: Интензивно и брутално насилство

СТРАВ

  • PEGI 7: Благи сцени или звуци што можат да исплашат помали деца

  • PEGI 12: Умерени хорор-елементи

  • PEGI 16: Интензивни и продолжени хорор-сцени или вознемирувачки слики

ВУЛГАРЕН ЈАЗИК

  • PEGI 12: Лесен навредлив говор и пцовки

  • PEGI 16: Силен навредлив говор, вулгарни изрази или богохулство

  • PEGI 18: Силен говор на омраза и експлицитна дискриминација

КОЦКАЊЕ

Игри што содржат елементи на коцкање, игри на среќа или симулации на казина.

  • PEGI 12 / 16: Кај игри издадени до 2020 г.

  • PEGI 18: Кај сите нови игри со ваква содржина

СЕКС

  • PEGI 12: Лесни сексуални теми или сексуални алузии

  • PEGI 16: Еротска голотија или сексуална активност без видливи гениталии

  • PEGI 18: Експлицитна сексуална активност

НАРКОТИЦИ, АЛКОХОЛ И ТУТУН

  • PEGI 16: Приказ на употреба или консумација на алкохол, тутун или наркотици

  • PEGI 18: Глорификација, поттикнување или промоција на употребата на наркотици

ДИСКРИМИНАЦИЈА

  • PEGI 18: Игри што содржат или промовираат етнички, религиозни, национални, сексуални или други стереотипи што можат да поттикнат омраза и суровост.

КУПУВАЊА ВО ИГРАТА

Овозможува купување на дигитални содржини со вистински пари: дополнителни нивоа, изглед, опрема, претплати, виртуелни валути, како и случајни награди, т.н. „кутии со плен“ (loot boxes)


НАСКОРО!



НАСКОРО!



НАСКОРО!




Контактирајте ја ИГРА

Како родители, сите се соочуваме со истите прашања и предизвици во дигиталниот свет. Без разлика дали ви треба совет за избор на игра, имате конкретна дилема или едноставно сакате да се приклучите на нашата мисија, тука сме за вас.Вратите на ИГРА се секогаш отворени за сите кои сакаат да помогнат во создавањето поздрава гејминг средина за децата.Контактирајте нè, секоја идеја и поддршка се добредојдени!


Напомена: Содржината на www.igra.li е од независен карактер и е наменета исклучиво за едукативни, информативни и непрофитни цели. Сите искористени логоа, ознаки и графички симболи на PEGI, IARC и другите брендови се заштитени трговски марки и авторски права на нивните соодветни сопственици. Нивното користење овде е со цел илустрација и информирање на јавноста. Забрането е копирање и преземање на содржината од овој веб-сајт без претходна дозвола.